
Европската комисија одобри 65,7 милиони евра за Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст, што претставува највисока алокација меѓу државите од регионот. За споредба, Албанија ќе добие 49 милиони евра, додека Црна Гора 44,2 милиони евра, што ја позиционира земјава на врвот според распределените средства во овој циклус.
Информацијата ја објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека ваквата одлука е потврда за, како што вели, континуираната реформска посветеност на Владата и исполнувањето на обврските од Планот за раст. Според него, резултатот претставува и признание за институционалниот напредок и усогласувањето со европските вредности и стандарди.
Според официјалните податоци на Европската комисија, средствата се одобрени по позитивна оценка на спроведените реформски чекори, кои во случајот на Македонија се однесуваат пред сè на области како образованието и дигиталната трансформација.
Од вкупната сума, 30,6 милиони евра ќе бидат директно исплатени во државниот буџет, додека остатокот е наменет за поддршка на инвестициски проекти што ќе се реализираат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), што дополнително ја насочува финансиската поддршка кон развојни и инфраструктурни приоритети.
















