
Основниот суд во Штип донесе пресуда со која на П.С. од Охрид му е изречена казна затвор од пет години и шест месеци, поради серија измами насочени кон повозрасни граѓани од Штип и Виница, извршени во текот на јануари годинава.
Според образложението на судот, обвинетиот во период од само еден месец успеал да измами осум лица, користејќи добро позната и особено сурова шема: телефонски повици во кои се претставувал како лице кое соопштува итни медицински состојби во семејството на жртвите. Во разговорите им тврдел дека нивни блиски, најчесто ќерки или внуци, претрпеле тешки повреди, наводно скршеници, и дека е неопходна итна операција за која веднаш се потребни пари.
Жртвите, уверени дека станува збор за реална и итна ситуација, во повеќе наврати предавале значителни суми пари. На тој начин, обвинетиот се стекнал со противправна имотна корист од вкупно 3.472.906 денари, што изнесува околу 56.000 евра.
Портпаролот на Основниот суд во Штип и претседател на Кривичниот совет, судијата Сашко Георгиев, информираше дека станува збор за продолжено кривично дело измама извршено врз осум оштетени лица. Тој посочи дека обвинетиот ги доведувал жртвите во заблуда со лажни приказни за итни здравствени интервенции, искористувајќи ја нивната загриженост за блиските.
Судот донел и одлука мерката притвор за П.С. да биде продолжена сè до правосилноста на пресудата.
















