
По долгогодишни одложувања, правни лавиринти и прекини, реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје конечно влегува во активна фаза. Еден од најпрепознатливите културни симболи на главниот град, замислен како ново срце на културните случувања, повторно добива градежна динамика со инвестиција од околу 20 милиони евра.
На градилиштето денеска беа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура Зоран Љутков и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски. Посетата, повеќе од формална, беше испратена со пораки за „нов почеток“ и конечно заокружување на проект кој со години се движеше меѓу застои и институционални несогласувања.
Мицкоски оцени дека проектот, кој е дел од пошироката визија за Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година, конечно добива конкретна форма. Тој нагласи дека очекува работите да се завршат во предвидениот рок и во рамки на буџетот, посочувајќи дека, по долги години неизвесност, објектот конечно почнува да ја добива својата препознатлива физиономија. Во неговата изјава доминираше оптимизам дека салата по завршувањето ќе стане значаен културен центар, каде ќе се одржуваат концерти, фестивали и други настани од пошироко значење.
Министерот за култура Зоран Љутков откри дека планот предвидува градежните активности да завршат до крајот на 2027 година, додека свеченото отворање би се случило на почетокот на 2028 година, симболично поврзано со титулата Европска престолнина на културата. Тој истакна дека проектот бил блокиран со години поради нејасни надлежности и поделено управување меѓу Град Скопје и Министерството, но дека откако тие пречки биле надминати, процесот повторно бил активиран. Според него, инвестицијата целосно ја обезбедува Владата, преку Министерството за култура.
Посебно внимание Љутков посвети на безбедносните аспекти на објектот, нагласувајќи дека се извршени повеќекратни испитувања на конструкцијата. Според досегашните наоди, челичната структура на салата останува стабилна и не е оштетена, вклучително и по пожарот што претходно го зафати градилиштето.
И токму тој пожар во април 2024 година претставуваше една од клучните точки на прекин на работите, по што целиот проект беше ставен во мирување. Претходно, реконструкцијата се поврзуваше со мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска, но по застојот, надлежностите беа преземени од Министерството за култура.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи ја поздрави обновата, нарекувајќи ја момент што Скопје долго го очекувало. Тој ја истакна симболиката на Универзалната сала како простор на солидарност и колективна меморија, изградена по земјотресот како знак на меѓународна поддршка и човечка поврзаност. Според него, нејзиното враќање не значи само реконструкција на објект, туку и оживување на дел од идентитетот на градот.
Проектот ќе се реализира по принцип „клуч на рака“, што значи целосна завршена изведба без дополнителни интервенции, по што објектот ќе биде предаден на Град Скопје. Новата Универзална сала е замислена како модерна, функционална и репрезентативна културна институција, подготвена да ги прими најразличните културни настани и генерации публика.























