
Жител на Кисела Вода утрово преку социјалните мрежи алармираше за поголема група улични кучиња забележани во близина на автобуска постојка, предупредувајќи дека минувачите треба да бидат внимателни при движење низ тој дел од населбата.
Фотографијата беше споделена во Фејсбук групата „Ѕид на Кисела Вода“, каде граѓаните редовно објавуваат и дискутираат за секојдневните проблеми и случувања во општината. Според објавата, на локацијата се забележани над десет кучиња, што предизвика загриженост кај дел од жителите.
„Бидете внимателни“, стои во кратката, но предупредувачка порака која ја придружуваше фотографијата.
Овој нов сигнал за зголемено присуство на улични кучиња доаѓа во период кога јавноста веќе е чувствителна на вакви случаи, по неодамнешните инциденти во општина Карпош, каде што беше пријавен и напад од улични кучиња врз дете, при што тоа се здоби со повреди.
















