
Силни поројни врнежи синоќа го погодија регионот во близина на турското Црноморско крајбрежје, предизвикувајќи нагли и сериозни поплави што за кратко време ги претворија улиците во водни текови.
Најпогоден беше округот Хавза во провинцијата Самсун, каде излевањето на локалните реки доведе до неконтролирано надоаѓање на вода низ населбите. Силната струја носеше автомобили, отпад и кал, додека бројни домови и деловни простории беа поплавени до приземје и подрум.
Според информациите на државната агенција „Анадолија“, најмалку 12 лица побарале медицинска помош и биле хоспитализирани со полесни повреди. Надлежните служби нагласуваат дека никој од нив не е во животозагрозувачка состојба, дел од повредените самите стигнале до здравствени установи, додека други биле евакуирани со помош на екипи на терен.
По пријавите за поплави, во погодените подрачја веднаш биле ангажирани пожарникарски единици, полиција и тимови за справување со катастрофи. Нивната задача била спасување на заглавени жители, како и расчистување на улиците и објектите погодени од водената стихија.
Иако водата почнала постепено да се повлекува, последиците од невремето остануваат видливи, со значителна материјална штета во повеќе делови од општината.
















