
Амбасадорката на Израел во Северна Македонија Вивијан Ајзен објави видео-снимка од безбедносни камери на која, како што се наведува, е прикажан обид за опожарување на синагогата во Скопје.
На снимката се гледаат две лица како прескокнуваат ограда и се приближуваат до влезот на верскиот објект. Потоа, според објавеното видео, тие прскаат со запалива течност и фрлаат запален предмет, по што избувнува пожар.
Од СВР Скопје информираат дека на местото на настанот биле пронајдени канистар со гориво и траги од горење, при што се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Обидот за палење предизвика реакции во јавноста, а Еврејска заедница на Република Северна Македонија најостро го осуди инцидентот. Оттаму апелираат надлежните институции да го расветлат случајот и да обезбедат одговорност за сторителите, како и за заедничка осуда од сите релевантни општествени и верски фактори.
Истрагата за случајот е во тек.
pic.twitter.com/4vwrEx0f7k— Vivian Aisen(@VivianAisen)April 12, 2026























