
По повод големиот христијански празник „Воскресение Христово – Велигден“, СВР Скопје најавува воведување на посебен сообраќаен режим утре (11 април 2025 година), кој ќе важи во периодот од 18:00 часот па сè до завршување на празничните верски настани.
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај информираат дека, доколку се процени потреба на терен, ќе има привремени затворања на повеќе клучни сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје. Меѓу нив се булеварот „Партизански одреди“ на потегот од крстосницата со улица „Франклин Рузвелт“ до крстосницата со булевар „ВМРО“, потоа булевар „Св. Климент Охридски“ од булевар „Илинден“ до улица „Димитрие Чуповски“, како и улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“ од спојот со „9-ти Мај“ до кружниот тек кај „Св. Кирил и Методиј“.
Промени се предвидуваат и во јавниот превоз. Автобусите што сообраќаат преку мостот „Гоце Делчев“ по потреба ќе се пренасочуваат преку булевар „Илинден“ и улица „Франклин Рузвелт“ кон „Партизански одреди“. Дел од линиите што минуваат низ центарот ќе бидат пренасочени преку „М.Т. Гологанов“ и исто така преку „Франклин Рузвелт“, со идентични алтернативни рути и во обратна насока.
Во општина Ѓорче Петров, по потреба ќе се затвори улицата „Македонска војска“ во близина на црквата „Свети Петар и Павле“, на потегот од булевар „Партизански одреди“ до улица „Ѓорче Петров“. Дополнително, во општина Аеродром е предвидено евентуално затворање на локалниот пат кон селото Лисиче.























