
Подготовките за старт на изградбата на брзата железничка линија, предвидена во рамки на Договорот за партнерство со Обединетото Кралство, се одвиваат со засилен интензитет и, како што оценува министерот за транспорт Александар Николоски, проектот се движи во целосна согласност со зададената динамика.
Според него, клучните предуслови за почеток на теренските активности веќе се во напредна фаза. Трасата е дефинирана, а во моментов се спроведуваат детални геолошки испитувања, како и изработка на потребните студии, претпроекти и главни проекти. Оваа фаза, која минатата година беше поставена со рок од една година, треба да биде заокружена во текот на летото, по што ќе следува финализирање на финансиската конструкција и потпишување договор со финансиерот, односно банката. Тогаш, како што најавува Николоски, ќе започнат и видливите градежни активности на терен, со цел целиот проект да биде реализиран до крајот на 2031 година.























