
Зоонегователот Виктор кој работи во скопската Зоолошка сподели неубаво искуство кое го посведочил денеска.
Камења биле фрлани кон слоницата во Зоолошката, додека, како што вели, професорите седеле на кафе.
– Денес имав ситуација што искрено ме разочара. Група ученици од средното угостителско „Лазар Танев“ фрлаа камења кон слоницата, додека нивните професори седеа на кафе во кафич. Не сакам да генерализирам — не се сите деца исти, ниту сите професори се неодговорни. Но, вакви поединци оставаат лоша слика и, уште полошо, нанесуваат стрес и штета на животни кои се под наша грижа. Како зоонеговател, секојдневно гледам колку се чувствителни и интелигентни овие суштества. За нив, ова не е „заебанција“, сподели тој во својата фејсбук објава.
Направи и паралела како било некогаш.
– Искрено, се потсетив на времето од пред 25–30 години… Ако некој од нас направеше ваква глупост, последиците ќе беа сериозни — и од дома, и од училиште. Не затоа што некој сакал да казнува, туку затоа што се знаеше ред, почит и одговорност. Мислам дека е време повторно да се потсетиме на тие вредности.
Упати апел до сите:
– Научете ги децата дека животните не се мета за забава, туку живи суштества што заслужуваат почит. Разбрав дека е изреагирано од страна на директорот, се надевам дека ќе има некакви реперкусии за ова однесување.























