
На 23 април 1972 година, пред точно 54 години, во Скопје беше поставен камен-темелникот на денешниот Соборен храм „Св. Климент Охридски“, еден од најпрепознатливите духовни и архитектонски симболи на главниот град.
По речиси две децении градба, храмот беше осветен на 12 август 1990 година, со што и официјално беше предаден во употреба како централно место на православната вера во Скопје.
Импресивната градба, замислена во форма на ротонда, се простира на основа од 36 на 36 метри. Под нејзините куполи и сводови се протега внатрешен простор од околу 1.000 квадратни метри, доволно голем да прими и до 6.000 верници, особено за време на големи празници и богослужби.
Внатрешноста е дополнително нагласена со масивни полиелеји. Главниот, тежок околу пет тони и опремен со приближно 400 светилки, е поставен под централната купола и доминира во просторот со својата монументалност. Вториот полиелеј се наоѓа над светиот престол во олтарниот дел, дополнувајќи ја свечената атмосфера на храмот.
Во дворот, од левата страна на главниот влез, се издига камбанарија висока 45 метри. Во неа се сместени три камбани излеани во Австрија — најголемата со тежина од 1.000 килограми, средната од 500 и најмалата од 300 килограми.
Пред самата црква, вниманието го привлекува и фонтаната, симболичен гест на меѓурелигиско пријателство, подарена од Исламската верска заедница.























