УТРО.мк

Комесарот за човекови права на Советот на Европа ќе го испитува случајот со забраната за влез на Тони Менкиноски во Бугарија

Комесарот за човекови права на Советот на Европа ќе го испитува случајот со забраната за влез на Тони Менкиноски во Бугарија
Vero

Комесарот за човекови права при Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, најави дека детално ќе го разгледа случајот со македонскиот адвокат Тони Менкиноски, на кој му е изречена забрана за влез во Бугарија во траење од десет години.

Пред пратеници во рамки на расправата за годишниот извештај на институцијата, О’Флаерти посочи дека веќе е информиран за случајот и дека е свесен оти станува збор за правник кој ги застапувал интересите на македонски организации во процесите поврзани со нивна регистрација во Бугарија.

„Ќе го разгледам внимателно овој предмет. Разбирам дека се работи за ситуација во која адвокатот, додека ги застапувал тие лица, се соочил со забрана за влез. Подготвен сум да отворам дополнителни контакти и размена на информации за да се разјаснат сите аспекти“, порача комесарот, оставајќи простор за понатамошна институционална обработка на случајот.

Во продолжение на неговата агенда, О’Флаерти најави дека веќе следниот ден ќе одржи средба со двете македонски пратенички кои го отворија прашањето — Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ и Ивана Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Интересот за случајот претходно беше покренат и на ниво на Советот на Европа. Генералниот секретар на институцијата, Ален Берсе, на пролетната сесија на Парламентарното собрание исто така изрази подготвеност за подлабока анализа и институционално разгледување на прашањето поврзано со забраната за влез на Менкиноски во Бугарија.

Берсе тогаш најави и дополнителни консултации во рамки на механизмите на Советот на Европа, со цел да се утврдат сите релевантни околности околу случајот.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран