
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) се соочува со сериозна криза која се одразува на бројот на патници и состојбата на возниот парк. Според најновото истражување и база на податоци на Центар за граѓански комуникации, во последните десет години ЈСП изгуби речиси половина од своите редовни корисници – од 52 милиони патници годишно во 2015 година, бројот денес е сведен на само 22 милиони.
Возниот парк е на работ на функционалност. Од вкупно 341 автобус, дневно на улиците се пуштаат само 157, иако 185 се исправни. Во последната декада бројот на исправни автобуси драматично опаднал – од 316 пред десет години на 185 денес. Со помалку возила, староста на автобусите расте, достигнувајќи просечни 13,3 години, што е највисоко ниво во последното десетлетие.























