УТРО.мк

„Прв до врв“ повторно го освојува Скопје: Утре посебен сообраќаен режим кон Водно

„Прв до врв“ повторно го освојува Скопје: Утре посебен сообраќаен режим кон Водно
Vero

Скопје утре ќе биде во знакот на спортот и рекреацијата, откако ќе се одржи 14-тото издание на традиционалниот спортско-рекреативен настан „Прв до врв“, кој секоја година собира голем број велосипедисти, планинари и рекреативци.


Настанот, во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ – Скопје, ќе се реализира во недела, 17 мај, а поради одржувањето ќе има и посебен режим на сообраќај на повеќе улици низ главниот град.
Велосипедската трка ќе стартува во 09:45 часот пред Музејот на град Скопје. Учесниците ќе се движат по улицата „Св. Кирил и Методиј“, потоа по булеварот „Св. Климент Охридски“, ќе продолжат по булеварот „Мајка Тереза“, па по улицата „Тодор Александров“, а оттаму преку локалниот пат кон Средно Водно и до Милениумскиот крст на Водно.


Покрај велосипедската трка, со почеток од 10:00 часот ќе се одржи и традиционалната планинарска тура. Стартната позиција е пред ООУ „Кочо Рацин“ на булеварот „Мајка Тереза“, по што учесниците ќе се движат по улицата „Тодор Александров“, а кај улицата „Салвадор Аљенде“ ќе продолжат по планинската патека кон Средно Водно и Милениумскиот крст.


Од СВР Скопје информираат дека Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на движење, а сообраќајот на дел од трасите ќе биде времено пренасочуван по околните улици.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат упатствата и наредбите на полициските службеници, со цел настанот да помине безбедно и без застои.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран