
Проектот „Безбеден град“ за кратко време покажа извонредни резултати, а Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска ја посети компјутерската инфраструктура на центарот, оценувајќи го стартот како целосно успешен.
„Резултатите се повеќе од впечатливи – бројот на сообраќајни прекршоци падна од над 120.000 на само околу 500 за два месеци“, истакна Тошковски. Тој додаде дека ова значително придонесе и за намалување на повредени лица во сообраќајни несреќи за околу 35% во рамки на СВР Скопје, а бројот на смртни случаи паднал од 11 на 4.
Министерот посебно ја истакна улогата на граѓаните, нагласувајќи дека токму нивната совесност и почитување на правилата овозможиле овие резултати. „Вие сте тие кои направивте вистинска разлика на улиците, спасивте животи и покажавте дека со правилно однесување можеме да постигнеме европски стандарди“, порача Тошковски.
Тој нагласи дека „Безбеден град“ не е само технолошки проект, туку и симбол на нов пристап во сообраќајната култура на Македонија. Со неговата официјална имплементација, според министерот, се отвора пат кон побезбедни улици и кон вредности кои ги заслужуваат македонските граѓани.























