
За првпат во Скопје, една општина ќе ја делегира обврската за уривање на дивоградби во градот. Општина Карпош испрати иницијатива до Град Скопје за воспоставување меѓуопштинска соработка, со цел поефикасно и поекономично справување со бесправно изградени објекти. Предлогот ќе биде разгледан на утрешната седница на Советот на Град Скопје.
Досега општините сами организираа тендери и ангажираа приватни фирми за уривање, бидејќи градот нема градежна инспекција и не носи одлуки за отстранување објекти. „Улици и патишта“ досега никогаш не учествуваше во вакви активности.
Според образложението на одлуката за соработка, Општина Карпош ќе ја задржи својата улога на инспекциска власт, вршејќи стручни и административни задачи во делот на актите за отстранување, додека Град Скопје ќе обезбеди средства и ќе ја спроведе самата акција преку јавното претпријатие „Улици и патишта“.



























