
Во Општина Центар се воведуваат нови правила за паркирање со цел да се намали недостигот на паркинг места и порамномерно да се користи јавниот простор. Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ најавува систем кој треба да ја подобри достапноста на паркинг за жителите и да поттикне користење на приватните гаражи за нивната основна намена.
Новите правила предвидуваат повластените карти да се издаваат по адреса, а не по лице, при што првото возило ќе биде бесплатно, додека за второ и трето ќе се плаќа дополнително. Целта, како што наведуваат од ПОЦ, не е казнување на граѓаните, туку пофер распределба на паркинг просторот и намалување на метежот во централното подрачје.
„Јавниот паркинг-простор во Центар е ограничен ресурс. Не е фер ниту одржливо јавниот простор трајно да биде окупиран, додека приватните гаражи стојат празни или се користат за други намени. Наш приоритет е жителите навистина да можат да најдат паркинг во близина на своите домови“, велат од претпријатието.
Според ПОЦ, во општината има околу 6.100 паркинг места, но се издадени над 16.000 повластени карти, што создава голем притисок и недостиг на простор. Проблемот, велат од претпријатието, се зголемува и поради тоа што многу приватни гаражи не се користат за паркирање, туку се претворени во магацини, деловни простории или се издаваат.















