
Од денес до 31 јануари, низ повеќе локации ќе се спроведуваат интензивни активности за проверка на системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“. Во овој период ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените камери, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Проверките ќе се реализираат секојдневно во временскиот интервал од 8 до 20 часот, а за време на нивното спроведување ќе има и привремени ограничувања во сообраќајот. Возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката, појаснуваат од МВР.
Системот „Безбеден град“, кој претставува инвестиција на локалната самоуправа, веќе е предмет на технички увид. Во наредниот период се очекува негово интегрирање во поголем, централен систем за сообраќаен надзор што го подготвува Министерството за внатрешни работи.
Во првата недела од активностите, тестирањата ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на Град Скопје, по што се очекува процесот да продолжи и на други подрачја.



























