
Реконструкцијата на дел од Старата скопска чаршија се приближува кон завршната фаза, а најголемиот дел од планираните градежни активности веќе е реализиран, соопшти градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
„Ветивме дека ќе ѝ го вратиме сјајот на Чаршијата. Денес резултатот веќе се гледа“, порача Меџити, посочувајќи дека по повеќе од пет децении овој значаен историски, културен и економски простор добива темелно обновена инфраструктура и уреден јавен простор.

Проектот опфаќа површина од 1.567 квадратни метри, каде што се интервенирало од подземната инфраструктура до конечниот изглед на улиците. Изградени и обновени се водоводната и канализациската мрежа, електричната инфраструктура и мрежата за оптички кабли.
Истовремено, извршена е реставрација на калдрмата со камен травертин, поставено е ново осветлување во традиционален стил и подобрени се површините наменети за пешаците. Проектот ја опфаќа улицата „Самарџиска“ и уште пет помали делници во Старата скопска чаршија.

Вкупната вредност на инвестицијата надминува 28 милиони денари. Според Меџити, целта на реконструкцијата е Чаршијата да добие современа и функционална инфраструктура, притоа да се зачуваат нејзиниот автентичен изглед, историскиот карактер и препознатливиот архитектонски идентитет.
Од Општина Чаир претходно посочија дека станува збор за еден од најзначајните проекти за ревитализација на Старата скопска чаршија, со кој треба да се подобрат условите за посетителите, жителите, занаетчиите и сопствениците на деловни објекти.
„По повеќе од пет децении, Чаршијата суштински се менува, а истовремено го задржува својот идентитет“, истакна Меџити, најавувајќи дека реализацијата на проектот се движи кон целосно завршување.

















