
Фестивалот „Таксират“ од годинава ќе се одржува во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, соопшти организаторот „Пасворд продукција“.
По неколкугодишното одржување во арената „Борис Трајковски“, фестивалот повторно ја менува локацијата. Во својата историја „Таксират“ се одржувал и во Младинскиот културен центар и на Скопскиот саем.
Од „Пасворд продукција“ велат дека по уривањето на Скопскиот саем биле принудени да се преселат во арената „Борис Трајковски“, но сега нов дом за фестивалот ќе биде СЦ „Јане Сандански“.
„Во две сали повторно ќе играме“, наведоа организаторите во објавата на социјалните мрежи.
Дваесет и осмото издание на „Таксират“ е закажано за 7 декември. Засега не се објавени имињата на изведувачите кои ќе настапат на фестивалот.

















