Изет Меџити денеска и официјално ја презеде функцијата градоначалник на Општина Чаир. Во своето обраќање, тој истакна дека враќањето на оваа позиција за него претставува чест, одговорност и продолжение на една длабока врска со граѓаните на Чаир.

„Од денес се враќам меѓу моите луѓе, со почит, со благодарност и со чувство на должност. Чаир секогаш ми бил поддршка – во секој чекор, во секој предизвик, во секоја победа“, порача Меџити.
Тој нагласи дека убедливата победа на локалните избори претставува јасна порака од граѓаните дека сакаат континуитет, развој и работа. „Ова е израз на доверба и поддршка што ја чувствувам како голема обврска кон секој жител на Чаир“, изјави градоначалникот.

Меџити најави дека неговата администрација ќе се води исклучиво од јавниот интерес и ќе работи со чесност, транспарентност и конкретни резултати. „Чаир очекува чесна работа, видливи резултати и водење што не познава ништо посвето од интересот на граѓаните. И тоа ќе го има“, нагласи тој.

„Чаир е дел од мојот идентитет, мојата лична приказна и мојата јавна мисија. Тука започна сè, тука научив што значи да работиш за луѓето“, додаде Меџити, истакнувајќи дека новиот мандат ќе биде посветен на развој, визија и напредок.
Во завршницата, тој им се заблагодари на граѓаните за довербата и поддршката, најавувајќи дека започнува период на посветена работа и обнова:
„Од денес започнува работата за Чаир што го сакаме. Од денес започнува нашето време.“































