
Агенцијата за храна и ветеринарство потврди дека животното кое вчера предизвика вознемиреност во скопската населба Козле е волк, а не куче како што првично се претпоставуваше.
Волкот е заловен од надлежните служби и пренесен во Зоолошката градина Скопје, каде ќе биде сместен во карантин и ќе помине низ специјален ветеринарен третман и набљудување.
Според првичните информации, животното било со ланец, што отвора сомнежи дека претходно било чувано во домашни услови. Засега не е познато како волкот се нашол на улиците во Козле, а граѓани пријавиле дека бил забележан како се движи низ населбата пред да биде заловен.
Од Зоолошката градина демантираат претходни шпекулации дека се работи за куче со чип, нагласувајќи дека станува збор за диво животно. Од АХВ најавуваат дополнителни проверки за да се утврди неговото потекло и дали можеби бил донесен од друга држава или институција.
Волкот ќе остане во карантин најмалку 21 ден, по што ќе биде сместен во соодветно живеалиште во Зоолошката градина Скопје.
















