
Противпожарниот авион „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска дејствуваше на територијата на Општина Чашка, во близина на селото Војница, каде што вчера на терен интервенираше Територијалната противпожарна единица од Велес.
Пожарот зафатил нискостеблеста деградирана шума и сува трева, а поради потребата од дополнително локализирање и спречување на негово повторно ширење, во акцијата бил вклучен и противпожарниот авион на ДЗС.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), вчера до 18:00 часот на територијата на државата биле евидентирани вкупно 14 пожари на отворен простор.
Надлежните институции и понатаму ја следат состојбата на терен и апелираат до граѓаните на внимателно однесување и избегнување активности што можат да предизвикаат пожари, особено во услови на високи температури и сува вегетација.

















