
Силно невреме проследено со пороен дожд и град попладнево го зафати подрачјето кај Групчин, предизвикувајќи отежнато одвивање на сообраќајот на автопатот Скопје–Тетово.
Според очевидци, врнежите за кратко време значително се интензивирале, а градот целосно го покрил коловозот, поради што видливоста била намалена. Возачите биле принудени да ја намалат брзината и да возат со зголемена претпазливост за да избегнат несакани ситуации на патот.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека најинтензивната нестабилност е регистрирана помеѓу Тетово и Скопје, каде што покрај пороен дожд има грмежи, засилен ветер и локална појава на град.
„Поинтензивна нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град има помеѓу Тетово и Скопје. Умерени врнежи проследени со грмежи има во Крива Паланка и околината“, соопштија од УХМР.
Надлежните апелираат до возачите да бидат внимателни, да ја приспособат брзината на условите на патот и да одржуваат поголемо растојание меѓу возилата.

















