Вториот ден по ред продолжува пожарот во атарот на селото Бешиште, близу границата со Грција, каде што гори шума составена од бор, даб и бука, како и сува трева. Според Центарот за управување со кризи, пожарот опфаќа површина од околу 100 хектари.
Огнот се шири во два правци — кон месноста Уров во Бешиште и кон селото Градешница во Општина Новаци, на терен кој е многу непристапен за гаснење. Во гаснењето се вклучени петмина пожарникари од Прилеп со едно возило, како и три лица од шумската служба „Црн Бор“. Според ЦУК, дополнителна потешкотија е ризикот од детонации од заостанати гранати од претходните војни.
Во Скопје, пожарот на дивата депонија во Визбегово е изгаснат, но Противпожарната бригада интервенираше и на три други локации — каде што гореше сува трева во Драчево, на булеварот „Босна и Херцеговина“, како и во Долно Лисиче.
Пожарникарите се борат и со пожари на други места низ земјата — во атарот на селото Ерџелија кај Свети Николе гори сува трева и стрниште, а на автопатот Гостивар – Тетово се активни пожари на сува трева и грмушки.
Ситуацијата останува критична, а надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита и претпазливост.