Во Ресен денеска беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Општина Ресен и Националните паркови за обележување и уредување на 100 километри велосипедски и 70 километри пешачки патеки. Овие патеки ќе ги поврзат двата национални парка „Пелистер“ и „Галичица“, минувајќи низ заштитени подрачја во Преспа, со цел развој на интегрирана туристичка инфраструктура на отворено.
Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, истакна дека туризмот во Преспа е еден од клучните столбови на локалната економија, а природните и културните богатства на регионот имаат огромен потенцијал што треба целосно да се искористи.
Директорот на Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски, додаде дека се планира поврзување на преспанското село Брајчино со Големо Езеро на Пелистер, како и со селата од битолската страна Велушина, Трново и Магарево. Отворањето на граничниот премин Маркова Нога ќе овозможи создавање на цел прстен на велосипедски врски, кои ќе бидат дополнување на веќе постоечките патеки во регионот.
Проектот е поддржан од програмата „ЕУ за Преспа“, а ќе биде спроведуван до јуни 2027 година со средства од еден милион долари. Во рамките на проектот ќе се реализираат обуки и менторство за управување со туристички капацитети, развој на одржливи туристички производи и подобрување на услугите за посетителите.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григорјан, ја нагласи важноста на развојот на туризмот во Преспанскиот регион како мотор за локалниот економски раст и отворање нови можности, особено за младите.
Проектот „ЕУ за Преспа“ има за цел одржливо управување со природните ресурси и развој на „зелени“ патишта во земјоделството и туризмот, со што ќе се подобри квалитетот на живот во регионот.