Градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, по повод празникот посветен на Свети Климент Охридски, упати честитка до граѓаните, нагласувајќи ја неговата огромна улога во просветителската и духовната традиција на македонскиот народ.
Тоневски потсети дека Свети Климент, како еден од најзначајните ученици и продолжувачи на мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, ја создал прочуената Охридска книжевна школа – место од кое се ширеле писменоста, образованието и духовноста ширум македонските простори.
„Неговото дело е длабоко вткаено во нашата историја и претставува траен потсетник за важноста на знаењето, писменоста и културното наследство“, истакна Тоневски.
Градоначалникот додаде дека ликот и делото на Свети Климент се пример за посветеност што опстојува низ вековите и продолжува да инспирира, па затоа општеството има должност да ја чува и негува неговата вредна оставнина.
„Нека е честит и вековит празникот!“, порача Тоневски во крајот на честитката.
Тоневски: Делото на Св. Климент е наш водич кон мудрост и духовен развој



























