
Соединетите Американски Држави привремено им дозволија на земјите да купуваат руска нафта која веќе е натоварена на танкери на море, со цел да се ублажат економските последици од конфликтот на Блискиот Исток.
Американскиот министер за финансии Скот Бенсент изјави дека оваа мерка е краткорочна и ќе биде на сила до 11 април, со намера да се стабилизираат глобалните енергетски пазари.
Одлуката доаѓа во период на силни турбуленции на светските пазари, предизвикани од нападите врз бродови и енергетска инфраструктура во Персискиот Залив, како и од фактичкото затворање на Ормутскиот теснец.
Поради овие случувања, цената на нафтата повторно ја надмина границата од 100 долари за барел. Преку Ормутскиот теснец вообичаено се транспортира околу една петтина од вкупното светско снабдување со нафта.
Во обид да се намали притисокот врз енергетските пазари, Меѓународната агенција за енергија најави ослободување на рекордни 400 милиони барели нафта од стратешките резерви.























