УТРО.мк

Тажна слика: Пожар уништи половина од Паркот на природата „Езерани“

Тажна слика: Пожар уништи половина од Паркот на природата „Езерани“
Vero

Околу 500 хектари природна површина, од кои половина од копнениот дел на заштитениот Парк на природата „Езерани“ во Преспа, изгореа во серија пожари што се случуваа во текот на јули. Според анализата на Македонското еколошко друштво (МЕД), штетите се проценуваат на неколку милиони евра.

Пожарите, кои неколкупати повторно се разгоруваа, целосно уништија околу 200 хектари трска, над 160 хектари шума и галерии од врби и тополи, 100 хектари ливади, 30 хектари шуми од евла, 15 хектари земјоделски насади и овоштарници, како и 10 хектари вегетација долж крајбрежјето на Преспанското Езеро.

– Половина од копнената површина на Паркот на природата „Езерани“ настрада во овој пожар, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра. Искрено жалиме за штетата која ја претрпе Преспа – изјави Лазар Николов од МЕД, нагласувајќи ја потребата од подигање на јавната свест за заштитата на природата.

Од управата на паркот велат дека ваков пожар досега немало. Досегашните пожари биле помали и ограничени во сезоната февруари-април, но овојпат сушниот период, заедно со високо запаливата вегетација, довел до катастрофални последици врз биолошката разновидност, водите на езерото и животот на локалното население.

Паркот на природата „Езерани“ е заштитено подрачје од IV категорија според националниот Закон за заштита на природа и е признато природно богатство од светско значење според IUCN.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран