УТРО.мк

Пријавени над 500 кандидати за гасење пожари

Пријавени над 500 кандидати за гасење пожари
Vero

Иако беа потребни 400 лица, на јавниот повик за ангажман во превенција и справување со пожари се пријавиле речиси 500 кандидати од целата држава. Повикот, кој официјално истекува денеска, покажа голем интерес на граѓаните, освен во Скопје, каде бројката остана под очекувањата.

„Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени кандидати на територија на државата. Нам ни беа потребни 400. За жал, бројката во Скопје е нешто помала, под 50, а очекувавме 80 лица“, изјави Стојанче Ангелов, досегашен директор на Дирекцијата за заштита и спасување на денешната прес-конференција.

Сите пријавени ќе бидат контактирани и повикани во локалните територијални противпожарни единици, каде ќе поминат најмалку дводневна обука. Во текот на обуката ќе се изврши селекција на најспособните, кои подоцна ќе имаат можност за вработување во единиците на противпожарната служба или во самата Дирекција.

„Најдобрите од овие лица понатаму ќе имаат можност да бидат вработени во локалните територијални противпожарни единици или во Дирекцијата за заштита и спасување, а најдобрите во текот на наредниот период во Единицата во рамки на ДЗС“, додаде Ангелов.

Новоформираната специјална единица ќе биде составена од физички подготвени млади луѓе, кои ќе работат на тешко достапни терени. За нив се предвидени повисоки плати од оние на стандардните пожарникари, со цел да се мотивираат и задржат во оваа ризична, но исклучително важна работа.

„Зборуваме за единица во која сите припадници би биле помлади и физички подготвени на едно сосема друго ниво за да можат да одговорат на најтешки и најсложени задачи“, истакна Ангелов.

Повикувањето и селекцијата на пријавените кандидати се очекува да заврши во следните неколку дена.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран