УТРО.мк

Нов здравствен дом во Илинден – прв по 50 години

Нов здравствен дом во Илинден – прв по 50 години
Vero

Општина Илинден денеска доби нов здравствен дом – прв по половина век. На местото на старата амбуланта, изграден е модерен објект со површина од 600 метри квадратни, распределени на две нивоа, со 14 ординации за примарна и специјалистичка здравствена заштита.

Во новата амбуланта се вложени 16 милиони денари, по осум милиони од Министерството за здравство и Општина Илинден, а со вклучената инфраструктура, вкупната инвестиција достигнува 25 милиони денари.

На отворањето присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот Александар Георгиевски.

– Вредноста на овој објект не се мери само во пари, туку во сигурноста на родителите, во достоинството на медицинските работници и во грижата што државата ја покажува за секој граѓанин – изјави премиерот Мицкоски.

Тој нагласи дека станува збор за системска трансформација на јавното здравство, со фокус на пациентот и грижата достапна во секој град и село.

– Отвораме нешто што е повеќе од амбуланта – отвораме врата кон поодговорна и похумана држава. Ова е само почеток – најави Мицкоски, истакнувајќи дека следуваат нови реновирања, инвестиции и мотивирање на здравствените работници.

Премиерот потсети и на досегашните реновирања низ државата, меѓу кои ургентниот оддел на Инфективната клиника, одделенијата во болниците во Гостивар и Тетово, клиниките за хирургија, радиологија и детската неврологија, како и тековните работи на Клиниката Карил.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран