Градежната компанија Стентон градба ги привршува работите на јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, обезбедувајќи младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година да ги одигра сите домашни квалификациски натпревари во модерни, безбедни и комфорни услови. По ждребката во Нион, Македонија доби сериозни ривали – Полска, Шведска, Ерменија, Црна Гора и фаворизираната Италија, а првиот домашен предизвик ќе биде токму дуелот со „аѕурите“ во септември.

Стентон градба работи со забрзано темпо, се зацврстува металната конструкција и се обновува кровниот покривач, за трибината да биде целосно подготвена неколку недели пред историскиот натпревар. Ова е втора крупна интервенција на битолскиот стадион под водство на компанијата. Минатата година успешно беше санирана северната трибина, со што „Петар Милошевски“ веќе го подигна капацитетот и ги усогласи безбедносните стандарди со барањата на УЕФА.
Со ова Битола прераснува во центар на младинскиот репрезентативен фудбал. Инфраструктурата добива современ лик, а македонските фанови, причина повеќе да го исполнат стадионот и да дадат поддршка на селекцијата во походот кон Европското првенство 2027.