Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска ги пречека победниците на натпреварот „Средношколец-милионер“, битолските средношколци кои ја освојаа главната награда од 1 милион денари.
Средношколците Иван Секуловски (СОУ „Јосип Броз Тито“), Јован Талевски (СОУ „Ѓорѓи Наумов“) и Марио Рабаџиевски (СОУ „Таки Даскало“), кои настапуваа под тимот „Стеј Би“, ја презентираа својата бизнис идеја „Систем 4“. Идејата се базира на користење напредни алатки со вештачка интелигенција за луксузни ресторани и хотели, вклучувајќи автоматска анализа на проблемите, телефонски агент кој го заменува рецепционерот, асистенти за веб-страници и самите веб-страници. Според нив, системот значително ја олеснува работата во туризмот, но има потенцијал за примена и во други области.
Градоначалникот Коњановски им честиташе на младите иноватори, пофали ја нивната мотивираност и ги охрабри да продолжат да развиваат свои идеи и кариера. Тој истакна дека Општина Битола ќе продолжи да ја поддржува младината, нивниот развој и вложувањето во знаење и таленти.
Натпреварот „Средношколец-милионер“ беше организиран од Бреинстер Некст Колеџ (Brainster Next College) и НУ Академиите за талентирани средношколци, со цел да се откријат најталентираните млади кои создаваат иновативни бизнис решенија и можат да влијаат врз иднината.



























