
Прилеп на 9 и 10 мај ќе биде домаќин на хард ендуро трката „Топташ Родео 2026“, настан кој се очекува да привлече бројни љубители на мотоспортот од земјава и регионот.
Градоначалникот Дејан Проданоски информира дека локалната самоуправа, во соработка со Хард Ендуро Клуб Прилеп, активно учествувала во подготовките за организација на трката, при што е изграден и првиот хард ендуро и тренинг полигон од ваков тип во државата.
„Оваа инвестиција претставува трајна вредност за Прилеп и за сите љубители на мотоспортот. Со заеднички напори создадовме услови за одржување на врвни спортски настани“, истакна Проданоски.
Паралелно со подготовките, во тек е и реконструкција на патот кон месноста Топташ, што значително ќе го подобри пристапот и условите за одржување на вакви манифестации.
Од Општина Прилеп упатија благодарност до сите поединци, клубови и општествено одговорни компании кои придонеле во реализацијата на проектот.























