
Убиството на новинарката Елма Годињак во Сараево отвори сериозни прашања за функционирањето на институциите во Босна и Херцеговина, откако се покажа дека и покрај повеќекратни пријави за закани и демнење, системот не успеал да ја спречи трагедијата.

Осомничениот, нејзиниот поранешен сопруг Тарик Прусаќ, ја убил на 1 мај, а во нападот бил ранет и нејзиниот брат.
Случајот започнал уште во февруари, кога Годињак првпат пријавила закани во полициската управа во Добриња. Иако биле преземени одредени мерки, постапката била прекината од страна на судот поради тоа што жртвата не сакала да сведочи, што според експертите укажува на сериозен институционален пропуст – зависност од волјата на жртвата наместо проценка на ризикот.
Во текот на април, пријавите за вознемирување и следење продолжиле, но заштитните мерки биле изречени дури неколку дена пред убиството. Ова задоцнување, како што посочуваат аналитичарите, било клучен фактор што овозможил ескалација на насилството.
Дополнителен шок предизвика фактот што осомничениот користел службено оружје од приватната агенција за обезбедување SEC ONE, каде што бил вработен.
Според законите, тој немал право да го поседува оружјето надвор од работното време, а агенцијата не пријавила дека пиштолот бил задржан, што укажува на сериозни пропусти во контролата и надзорот.
Трагедијата кулминирала кога Прусаќ ја убил Годињак во населбата Добриња, по што се обидел да избега со нивната малолетна ќерка. По полициска потрага, тој бил уапсен во општина Стари Град, а детето било спасено.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста и повторно ја отвори темата за заштитата на жртвите на семејно насилство. Правни експерти укажуваат дека постојат сериозни слабости во примената на законите, особено кога станува збор за превентивните мерки и координацијата меѓу полицијата, обвинителството и судството.
Убиството на Елма Годињак не се гледа како изолиран инцидент, туку како показател за системски проблем. Се бара итна ревизија на контролата на оружјето во приватните агенции, зајакнување на улогата на социјалните служби и промена на судската пракса, со цел заштитата на жртвите да биде приоритет.























