
Еден ден по случајот со жена која паднала во кома по козметичка интервенција, нов скандал од Сибиу, Романија, повторно ја отвори темата за нелегалните естетски процедури и лажните лекари.
Според информациите на локалните медиуми, 23-годишна студентка по медицина изведувала козметички интервенции во својот дом уште од својата 18-та година, без да има лиценца, без завршени студии и без законско овластување за работа.
Таа привлекувала клиенти преку социјалните мрежи, градејќи имиџ на успешна и луксузна млада жена. На своите профили објавувала фотографии од патувања и скап начин на живот, што кај дел од клиентите создавало доверба во нејзината работа.
Случајот излегол на виделина откако била пријавена, по што полицијата извршила претрес во нејзиниот дом. При акцијата била откриена импровизирана ординација, како и инјекциски супстанции, лекови и медицинска опрема.
Сведоци посочуваат дека дел од клиентите имале несакани последици по интервенциите, поради што биле принудени да бараат помош од лиценцирани стручни лица.
Надлежните во Романија информираат дека во изминатиот период се спроведени десетици илјади контроли во здравствениот сектор, при што биле одземени повеќе од 120 лиценци и затворени десетици клиники поради неправилности.
Од институциите апелираат граѓаните да бидат внимателни и пред секоја медицинска или козметичка интервенција да го проверат статусот и квалификациите на лицето кое ја изведува.























