
Во селото Смилево во општина Демир Хисар денеска започнува дводневната културна манифестација „Смилевски конгрес 2026“, која ќе понуди разновидна уметничка програма и современи интерпретации на културната меморија поврзана со историскиот Смилевски конгрес.
Од НУ Манифестација „Смилевски конгрес“ порачуваат дека годинашното издание има за цел да ја преиспита улогата на уметноста и заедницата во современиот општествен контекст, нагласувајќи дека историската симболика на Смилево не се третира како минато, туку како активна основа за нови културни дијалози.
„Во време на расцепканост и симулирана комуникација, оваа манифестација не нуди носталгија, туку позиција дека автентичната уметност се создава преку однос, судир и соработка“, се наведува во соопштението на организаторите.
Програмата вклучува изложби во настанување, уметнички инсталации и музички настапи, со акцент на интеракцијата меѓу уметниците, локалната заедница и публиката. Централно место зазема колективната инсталација „Песната на славејот“, како и настапите на „Чалгија саунд систем“, „Brass Brothers“, „Летечки Пекинезери“, „Мојра“ и „Дејание“.
Организаторите истакнуваат дека „Смилевски конгрес“ не е класичен фестивал, туку концептуална платформа која ја нагласува меморијата како жив процес, а уметноста како простор на откривање и заедништво.
Во рамки на манифестацијата ќе бидат отворени и изложбите „Интуитивни клепања“ и „Последните селани“, во кои учествуваат уметниците Емилија Сандиќ, Сашо Алушевски и Предраг Узелац.























