
Успешно се реализираше првиот ден од концертите на отворено во организација на ООМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп, на кои настапија млади музички таленти на три различни локации низ градот.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека ваквите настани претставуваат важна поддршка за младите уметници и значаен придонес кон културниот живот во општината.
„Младите музичари се гордост на Прилеп и иднина на нашата култура. Со нивниот талент, креативност и посветеност тие ни покажуваат дека градот има силен потенцијал во областа на уметноста“, порача Проданоски.

Тој додаде дека концертите на отворено овозможуваат културата да биде подостапна за сите граѓани и придонесуваат за создавање позитивна атмосфера во градот.
„Ваквите настани носат музика на улиците, создаваат убава енергија и претставуваат вистинска промоција на трудот и успехот на нашите најмлади музичари“, истакна градоначалникот.
Од општината порачаа дека и во иднина ќе продолжат со поддршка на културните настани и младите таленти кои го збогатуваат секојдневието во Прилеп.
















