Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, со голема свеченост го најави првиот Новогодишен базар во нов, проширен формат, кој ќе се одржи под мотото „Прилепска празнична приказна“. Манифестацијата ќе трае седум дена и ќе понуди богата програма исполнета со музички настапи, креативни активности, празнични декорации и разновидни содржини за сите генерации.
Проданоски истакна дека Прилеп оваа година ќе живее во вистински празничен дух, а посебна благодарност упати до компанијата „Витаминка“, покровител на базарот, која ја одбележува 70-годишнината од своето постоење. Компанијата, како што изјави тој, ќе внесе дополнително волшебство и празнична атмосфера во целиот настан.
Градоначалникот упати отворена покана до граѓаните да се приклучат и заедно да го започнат најубавиот период од годината, создавајќи ја „Прилепската празнична приказна“ која ќе донесе радост и заедништво во градот.



























