
Водостојот на реката Вардар во Велес значително е зголемен по неколкудневните обилни врнежи од дожд, при што делови од кејот се излеани и поплавени на двете страни од реката.
Според мерењата на мерното место кај Стариот мост, утрово во 7:30 часот водостојот изнесувал 182 сантиметри, што претставува пораст од 42 сантиметри во однос на вчерашните 140 сантиметри. За споредба, просечното јануарско ниво на Вардар во Велес во изминатите години изнесувало околу 82 сантиметри.
Од Центарот за управување со кризи за МИА информираат дека критичната точка за целосно излевање на Вардар во Велес е 259 сантиметри, што значи дека реката засега е под прагот за поголеми поплави, но состојбата внимателно се следи.



























