
Подрумскиот простор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, кој со години беше користен како несоодветен паркинг, повторно се враќа во својата намена и функционалност, соопштија од Општина Прилеп.
Во координација со јавните претпријатија, просторот е целосно расчистен од хаварисани возила, смет и отпад, а во наредниот период ќе биде комплетно уреден и ставен во функција. Со оваа активност се воспоставуваат ред и хигиена, се враќа достоинството на институцијата и се обезбедува поуредена и покорисна инфраструктура за градот.
Како што кажаа од општината, акцијата има за цел да создаде подобри услови за работа и рационално, наменско користење на просторот, особено во период кога секое паркинг-место во централното градско подрачје е од големо значење.























