
Со симболичен почеток на градежните работи, денеска официјално започна изградбата на новата Спортска сала во село Челопек, проект вреден 54.295.110 денари, кој претставува значаен чекор за развојот на Општина Брвеница и подобрување на условите за живот на локалното население.
Градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, истакна дека со реализацијата на овој проект се исполнува децениски сон на жителите на Челопек и се одговара на реалните потреби на младите и спортските ентузијасти. Според него, спортската сала ќе биде повеќе од обичен објект – ќе претставува простор за развој, дружење и заедништво.
Илиевски нагласи дека Општина Брвеница останува цврсто посветена на инвестирање во инфраструктурни проекти кои создаваат долгорочни вредности, ги поврзуваат заедниците и обезбедуваат подобри услови за спорт, рекреација и активен живот.























