
Сведочењата потврдија дека дискотеката „Пулс“ претрпела фатални внатрешни реконструкции на своја рака, кои ја претвориле во смртоносна стапица. Тоа и непрофесионалното ракување со пиротехниката се клучни причини за трагеидјата. Секое натамошно ширење на истрагата кон периферни административни фигури само го разводнува случајот.
Вчерашното рочиште на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ извади на виделина морничави детали кои укажуваат дека не само што објектот работел со системски пропусти, туку претрпел и значителни градежни интервенции – реконструкции кои никогаш не биле пријавени, немале дозвола и директно придонеле за масовноста на трагедијата. Исказите на сведоците, особено на преживеаните и на вработените, скицираат слика на објект каде „естетиката“ и профитот добиле предност пред елементарната безбедност, претворајќи го клубот во затворен кафез.
Реновирање кое ги затворило патиштата за спас
Клучната теза што јасно произлегува од досегашниот тек на доказната постапка е дека „Пулс“ физички се изменил на начин што го оневозможил спасувањето. Сведокот Петар Марковски, редовен посетител на клубот повеќе од седум години, пред судот откри дека во објектот постоел излез на задната страна, лево од бината. Овој излез во претходните години бил функционален и се користел како помошен излез, но по реновирањето на дискотеката, ситуацијата драстично се променила.
Според Марковски, по реконструкцијата, тој излез бил буквално покриен со сепариња, визуелно затскриен и де факто станал нефункционален како евакуациски пат. Она што требало да биде „излез за спас“, сведоците го опишуваат како „излез за малолетници“ – врата што се користела исклучиво за криење и извлекување на деца кога имало полициски рации, а не за безбедност на гостите.























