
„Генерацијата од 1903 ни ги остави непокорот и саможртвата, генерацијата од 1944 ја претвори слободата во држава, а генерацијата од 1991 ја потврди самостојноста. Нашата задача е оваа слободна Македонија денес, да има кој да ја наследи утре“, порача потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Антонијо Милошоски, во илинденското обраќање на Мечкин Камен.
Осврнувајќи се на жртвата на Питу Гули, Никола Карев и илинденците, Милошоски истакна дека демографијата е новата борба на денешната генерација и прашање што бара долгорочна национална одговорност. Тоа е заедничка обврска кон идните поколенија и македонската држава.
Потпретседателот истакна дека Крушево, симбол на борбата за слобода и државност, денес има неколкукратно помалку првачиња отколку во минатите децении, а со истиот предизвик се соочува целата држава.
„Што ќе вредат спомениците ако нема детски раце што ќе положат цвеќе пред нив? Колку ќе вреди македонскиот јазик ако нема кој да го говори? Ќе вредат ли училиштата ако во нив нема детски џагор?“, запраша Милошоски.
Според него, современата борба за Македонија не се води со пушка и Црешово топче, туку преку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитаат деца.
„Демографијата не е само статистика. Таа е бебешкиот плач, родителските солзи радосници, полните училишта и семејствата што со надеж гледаат кон иднината. Демографијата е прашање на личен приоритет, семејна среќа и национален опстанок“, истакна потпретседателот.
Милошоски нагласи дека Македонија мора да биде над политичките поделби.
„Партиите доаѓаат и си одат. Владите се менуваат. Татковината останува. Можеме да спориме за патот, но не смееме да го изгубиме правецот. Може да имаме различни политички ставови. Тоа не е слабост — Тоа е демократија.
Но, постојат работи што мора да стојат над нашите поделби. Македонија е првата меѓу нив. Бидејќи националното единство не е отсуство на разлики.
Националното единство е присуство на заедничка
одговорност за државата!”
Потпретседателот додаде дека на младите треба да им се остави земја каде што ќе основаат семејства и ќе ги растат своите деца.
„Слободата ја наследивме од предците. Иднината ја должиме на потомците. Македонија треба да им ја предадеме како жива татковина – со деца, полни училишта и млади што творат овде“, порача Милошоски.

















