УТРО.мк

Коњановски: Фолклорот не е само традиција, туку иднина што ги чува корените

Коњановски: Фолклорот не е само традиција, туку иднина што ги чува корените
Vero

Со свечено доделување на признанија и награди за најуспешните фолклорни групи, културно-уметнички друштва, ансамбли и поединци, синоќа беше затворено 56. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола.

На свеченото затворање се обрати градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека годинашното издание било едно од најдолгите во историјата на фестивалот и уште еднаш ја потврдило Битола како центар на фолклорот, традицијата и културното наследство.

„Да се биде во Битола во овој период од годината е навистина привилегија, како за граѓаните така и за гостите, нашите иселеници и сите добронамерници. За нас како домаќини е чест што секоја година уживаме во песната, играта и богатството на домашниот и светскиот фолклор“, порача Коњановски.

Тој нагласи дека годинава фестивалските содржини се одржуваа на повеќе препознатливи локации во градот – Офицерскиот дом, Широк Сокак, Безистенот, Музејот, Магазата, Плоштадот „Магнолија“ и Старата чаршија, каде што домашни и странски ансамбли ја претставија својата традиција пред бројната публика.

Коњановски оцени дека „Илинденски денови“ не се само фестивал на традицијата, туку и мост што ги поврзува генерациите и народите.

„Културата е светлина што не се гасне, а фолклорот не е само традиција, туку иднина што ги чува корените“, истакна тој.

Во своето обраќање, градоначалникот порача дека негувањето на културното наследство е најдобар начин за одбележување на Илинден, испраќајќи порака до младите генерации да продолжат да ги почитуваат традициите и делото на сите кои се бореле за слободата на Македонија.

Свеченото затворање на фестивалот беше збогатено со вечер на интернационална музика и игра, со што беше заокружено уште едно успешно издание на една од најзначајните фолклорни манифестации во земјата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin