
Утринава се случи тешка сообраќајна несреќа на излезот од Кичево кон Охрид, поради што сообраќајот на овој фреквентен патен правец се одвива отежнато, а формирани се колони од возила.
Според првичните информации, во несреќата учествувале две патнички возила. Едното возило, со кичевски регистарски таблички, по силниот судир излетало надвор од коловозот. Од фотографиите од местото на настанот може да се забележи дека возилото има сериозни оштетувања на предниот дел и испукана шофершајбна.
Во судирот учествувало и возило „Пежо“, кај кое се активирале воздушните перничиња, а по ударот останало бочно поставено на коловозот.
На местото на несреќата интервенирала екипа на Итната медицинска помош, како и полициски службеници кои го обезбедуваат местото и вршат увид. Засега нема официјални информации за состојбата на учесниците во несреќата и дали има повредени.
Се очекува Министерството за внатрешни работи во текот на денот да излезе со повеќе детали за причините и околностите под кои се случила сообраќајната несреќа.
На возачите им се препорачува зголемена внимателност и почитување на сообраќајната сигнализација доколку се движат по патниот правец Кичево–Охрид.

















