
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, по речиси шест месеци, ја одмрзна својата партиска припадност во СДСМ. Тој самата одлука ја објави на својот Фејсбук-профил, нагласувајќи дека останува верен на своите претходни ставови и позиции по прашања од јавен интерес.
– Сакам јасно да истакнам дека овој чекор не значи промена или повлекување на моите ставови. Во овој момент не најавувам активен ангажман, туку стојам на располагање, со почит кон партијата, нејзините вредности и секој член поединечно. Единството бара подавање рака, држење до принципи и искрени разговори во името на секој социјалдемократ – напиша Костадинов.
Тој го замрзна своето членство во јули минатата година, откако СДСМ одлучи за кандидат за градоначалник на Струмица да го предложи општинскиот претседател на партијата, Марјан Даскаловски. Во тоа време, Костадинов појасни дека неговата одлука не е крај на политичкиот ангажман, туку момент на искреност и доследност кон граѓаните и градот.
– Во изминатите 11 години не изгубив ниту еден избор, затоа што луѓето гледаа работа, доследност и љубов кон градот. Секој проект, секој парк, секоја пешачка патека ги градев како да се за моето семејство – истакна тогаш Костадинов.



























