
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, го презентираше отчетот за првите 100 дена од новиот мандат, истакнувајќи дека фокусот е на инфраструктура, образование, спорт, култура и енергетска транзиција.
Во овој период беше отворена новата градинка „Пчеличка“ со капацитет за 76 деца, адаптирана од поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“. Во рамките на инфраструктурните проекти, се асфалтираа делови од улицата „16-та“, се поплочуваат тротоари на новата улица СРУ 5, а се изведуваат и три нови игралишта во месноста Областа.
Коњановски истакна дека во 2026 година се планирани 53 реконструкции на улици и локални патишта и изградба на шест нови паркинг простори на повеќе локации во градот. Во спортската инфраструктура се вклучени подготовки за мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“.
Во образованието се продолжува со реконструкција на училишни спортски сали, изградба на нови игралишта и објекти за учениците, додека за заштита на животната средина се преземаат проекти за одводнување и прочистување на отпадни води на 25 локации и за системи за водоснабдување.
Градоначалникот нагласи дека дигитализацијата е приоритет, со промоција на националниот портал за електронски услуги „Е-услуги“, а општината активно се вклучува во праведната енергетска транзиција со поставување фотоволтаици во училишта и на јавни објекти.
Во рамките на културата и спортот, Битола беше домаќин на натпревари на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, а се реализираа проекти за ракомет, бокс и други спортски активности. Општината организираше и јавни трибини, поддршка за волонтери, активности за лица со попреченост и старо население.
Коњановски истакна дека Битола го поттикнува туризмот преку проекти како физибилити студија за гондола на Пелистер и градежни активности за планинарскиот дом „Копанки“. Градоначалникот посочи дека секој проект ќе биде следен со транспарентно информирање до граѓаните, со цел локалната самоуправа да остане сервис на жителите.























