
Од денес (9 февруари), па до недела (15 февруари) српската полиција спроведува засилени сообраќајни контроли на целата територија, со особено внимание на камиони и автобуси. Акцијата е дел од поширока, координирана иницијатива во повеќе европски земји, и е синхронизирана со периодот кога движењето кон туристичките центри традиционално е најинтензивно.
Фокусот на полицијата ќе биде на она што возачите често го „прескокнуваат“ во желбата да стигнат побрзо: времетраење на возење, задолжителни паузи, техничка исправност на возилата и соодветна опрема. На терен ќе се проверуваат тахографи, документација за превоз, техничка состојба, како и присуство на алкохол или други ризични прекршоци кои го зголемуваат ризикот на патот.
Македонските и другите странски возачи кои транзитираат низ Србија, нека очекуваат повеќе полициски пунктови и ригорозни проверки. Кај автобусите, инспекторите ќе се фокусираат на безбедноста на патниците и на техничката исправност. Кај товарните камиони, најчесто се проверуваат тахографите и почитувањето на распоредот за возење и одмор.
Важно е да се знае дека „контроли на цела територија“ значи дека полицијата не само што ќе дели казни, туку и ќе го спречува продолжувањето на патувањето доколку возилото или документацијата не ги исполнуваат законските услови. Тоа особено важи за автобуси и товарни возила, каде што законот и безбедноста се строги.























