
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска го посети ОУ „Елпида Караманди“, каде во тек е реконструкција на дел од спортската сала.
Како што информираше директорката на училиштето, Емилија Николовска-Спировски, реконструкцијата опфаќа промена на дограмата на целата сала, обновување на електричната инсталација, поставување плочки во ходниците и соблекувалните, како и санација на санитарните јазли со нов довод и одвод. Воедно, се врши и комплетно опремување на тоалетите и соблекувалните.
Во рамките на проектот е предвидено и поставување на фотоволтаици, со што ќе се подобри енергетската ефикасност на објектот.
Вкупната инвестиција за реконструкцијата, поставувањето на фотоволтаици и набавката на реквизити изнесува 4.481.290 денари, средства обезбедени од Министерството за образование и наука.
Коњановски истакна дека Општина Битола во соработка со централната власт вложува максимални напори за модернизација на образовните институции, со цел подобрување на условите за учениците и наставниот кадар.























