
Општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше за состојбата со ФК Победа, симболот на Прилеп. Според партијата, досегашното управување со клубот од страна на лица назначени од СДСМ било ризично и нетранспарентно, а резултатите денес се видливи – финансиски хаос и кадровски распад.
„Во време кога локалната власт беше предводена од СДСМ, во 2019 година се ветуваше стабилизација и развој на Победа. Денес гледаме што остана од тие ветувања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Одтаму прашуваат зошто управувањето со ФК Победа било препуштено на некомпетентни лица и кој ги гарантирал нивните постапки. Исто така, се посочува дека одредени советници кои денес се глуми загрижени, во минатото имале судски побарувања поврзани со клубот.
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп нагласува дека тврдењата дека Општината не се грижи за Победа се невистинити. Според официјалните податоци, од 2018 година Општина Прилеп инвестирала во клубот:
4.400.000 денари за струја
8.800.000 денари за вода и поправки
над 12.000.000 денари преку јавни повици, покрај редовното одржување на стадионот и инфраструктурата
„Општината не ја оставила Победа. Некој друг ја доведе во оваа состојба. Доста е од манипулации и ситни политички поени на грбот на клубот. Победа е вечна и нема да згасне“, порачаа од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата најавува дека има јасен план за стабилизација на клубот и враќање на врвот на македонскиот фудбал, со цел секој што направил финансиски пропусти или злоупотреби да одговара.























